Агенцијата за електронски комуникации распиша втор оглас за 4Г-мобилна телефонија со намалена цена на радиофреквенцијата која овој пат ќе се доделува без лицитација, а идниот оператор ќе добие и подолги рокови за покривање на земјава со сигнал. Првиот јавен повик пропадна бидејќи единствен кандидат беше „Оне“, а во тендерската документација беше пропишано дека јавниот повик е успешен доколку се квалификуваат и на јавното наддавање со почетна цена од 25 милиони евра учествуваат најмалку двајца понудувачи. Според условите од новиот тендер, најниската почетна цена на еднократниот надоместок за користење на радиофреквенцијата во опсегот од 800 мегахерци сега е намалена на 15 милиони евра. Идниот оператор ќе добие и поблаги обврски во однос на динамиката за покривање на земјава со мобилен 4Г-сигнал во однос на првиот тендер.
Агенцијата за електронски комуникации распиша втор оглас за 4Г-мобилна телефонија со намалена цена на радиофреквенцијата која овој пат ќе се доделува без лицитација, а идниот оператор ќе добие и подолги рокови за покривање на земјава со сигнал.
Првиот јавен повик пропадна бидејќи единствен кандидат беше „Оне“, а во тендерската документација беше пропишано дека јавниот повик е успешен доколку се квалификуваат и на јавното наддавање со почетна цена од 25 милиони евра учествуваат најмалку двајца понудувачи.
Според условите од новиот тендер, најниската почетна цена на еднократниот надоместок за користење на радиофреквенцијата во опсегот од 800 мегахерци сега е намалена на 15 милиони евра. Идниот оператор ќе добие и поблаги обврски во однос на динамиката за покривање на земјава со мобилен 4Г-сигнал во однос на првиот тендер. Така, по една година работа, тој треба да обезбеди сигнал на над 40 отсто од територијата, по втората година на 55 отсто, по третата година на 70 отсто, а по четвртата година мора да покрие 85 отсто од земјата. Во првиот тендер, 4Г-операторот имаше обврска по четири години да покрие 95 отсто од територијата и тоа се објаснуваше со намерата да се обезбеди брз мобилен интернет-пристап и во руралните средини како чекор со кој Македонија ќе се приближи кон исполнување на „Дигиталната агенда - 2020“ на Европската унија.
Право на учество на јавниот тендер за доделување одобрение за користење радиофреквенции за 4Г-мобилна телефонија имаат домашни и странски оператори кои обезбедуваат електронски комуникациски услуги на најмалку 300.000 претплатници, заклучно со крајот на минатата година и имаат вкупна актива од најмалку 10.000.000 евра во 2010 и 2011 година поединечно. Понудувачот треба да достави банкарска гаранција во износ од 10 отсто од висината на понудениот износ на еднократниот надоместок за добивање на одобрението за користење на радиофреквенцијата. Рокот за доставување на понудите изнесува 32 дена од објавувањето во „Службен весник“.
Радиофреквенција во опсегот од 800 мегахерци во земјава ќе се ослободи откако ќе се дигитализираат телевизиите, процес наречен „дигитална дивиденда“, што треба да заврши до 1 јуни идната година. Во тек е повторениот оглас за избор на оператор на дигитална телевизија, а неодамна Агенцијата за еден месец го продолжи рокот за доставување понуди по барање на, како што велат, сериозен кандидат.
Радиофреквенциите од 800 мегахерци се најдобри за користење за 4Г-мобилната телефонија бидејќи имаат силни пробивни својства, односно најлесно влегуваат низ ѕидови и во други затворени средини.
Четвртата генерација мобилни мрежи се базира на ЛТЕ-технологија и со нив протокот на податоците е со брзина од 100 мегабити во секунда, што е десетпати побрзо отколку најбрзата 3Г-мрежа. ЛТЕ-технологијата обезбедува уникатно искуство на користење услуги кои бараат голема брзина за безжичен пренос на податоци, како и побрз пристап до апликации и видеосодржини, „Јутјуб“, мобилната телевизија, облак-услуги и мрежни игри.